„Навистина, гласините брзо се шират. Сметав дека треба да биде изненадување за граѓаните како дел од предизборната кампања, но во ситуацијава мислам дека морам да ја соопштам вистината: Да, ќе се тетовирам заради слични мотиви како оние на поп дивата Тамара Тодевска кога сосема ненамерно и ненарачано од владата направи скоро незабележителна грешка во прекрасната изведба на самата химна на нашата убава земја.
Навистина e мудар потег да се вреже на сопствената кожа грешката која ненамерно сте ја направиле... и еве, јавноста сведочи дека граѓаните ѝ простија. Сепак, кој пее зло не мисли, тоа и граѓаните го знаат! Затоа, тетовирањето како веќе испробан метод јас го поздравувам и ја користам оваа прилика да ја поздравам и Тамара која ми го даде бројот од tatoo мајсторот!
Како прво врежување на уметничко дело на мојата кожа или како јас сакам да ја нарекувам заева кожа, ќе ја врежам именката к о л е к т о р и како своја прва тетоважа, а граѓаните знаат и зошто, не би сакал да се повторувам. Ќе биде на истото место на моето тело како онаа на Тамара, избрав и нарачав да биде во три бои, нема да откријам во кои само можам со сигурност да кажам дека ќе има доста сенчање. Но, Заев е спремен за секаков предизвик!
Инаку, сакам да напоменам дека нашата поп ѕвезда Тамара несомнено ја имаше досега најдобрата изведба на нашата химна токму таа вечер кога ненамерно, од премореност и возбуда ненамерно згреши!
Воедно, за решавањето на овој чекор од екстремна важност во мојот живот ми помогна сознанието дека таа тетоважа ќе биде мал, но вечен спомен на периодов сега. За понатаму може да се решам за врежување на некои сопствени гафови од минатото како на пример холокаустот е европска традиција кое морм да признаам дека ми е омилено, а кој знае, во иднина може и да има можност и место за повеќе зборови, именки, заменки па можеби дури и бројки! Тоа никогаш не се знае, а не може ни Заев да го знае! Но, без сомнение Заев е решен и ништо нема да го одврати во пишувањето историја на своето тело.
Ја користам оваа прилика и јавно ја повикувам и Нина Јанева да го стори истото, јас ќе и го пратам бројот на tattoo мајсторот и сето тоа ќе биде еден мал скромен подарок од страна на владата кон нашите уметници, а ветувам дека и на Тамара трошоците за направената тетоважа ќе ѝ бидат надоместени. Како предизборно изненадување за граѓаните давам збор дека ќе смислам нешто друго и убеден сум дека нема да ја изневерам нивната доверба во изненадувањата кои ми ги довериле да им ги приредувам! Сега извинете, морам да се сконцентрирам. Некои тоа го прават со пеење, но јавноста знае дека Заев не пее.“ - рече Заев со нетрпелива насмевка, ги затвори очите и скоро безгласно ги стисна забите во моментот кога tattoo мајсторот почна да работи на платното наречено Заева кожа.