Одлични вести за сите јавни обвинители, судии, министри, национални координатори, вицепремиери како и други помали функционерчиња!
Фудбалската федерација на Македонија одлучи да ги отстапи седиштата на фудбалерите за да угости што повеќе заслужни граѓани кои со својот труд и знаење ни ја приредија најголемата спортска радост во нашата историја и нѐ донесоа на само чекор од Светското првенство во Катар.
- Некој ќе рече фудбалерите се најзаслужни за овој успех, но тоа едноставно не е точно. Тоа се вистинските навивачи, оние што се спремни во работен ден да го напуштат своето работно место, да подигнат гратис билет за авион и гратис за ВИП ложа. Таа жртва е причината што ја победивме Италија. И сето тоа со еден обвинител, еден судија и еден министер во публика. А да имавме по тројца?! Е сега ќе имаме! - рекоа од ФФМ.
Како што дознаваме, ФФМ во координација со стручниот штаб решила авионот да полета уште денес, со цел фудбалерите да имаат време по пат да завршат со кондиционите подготовки, а навивачите да имаат време да одморат пред најважниот натпревар во нивниот живот.