Компанијата на еден од нашите најпознати добротвори и градители, Ванчо Чифлиганец, е победник на тендерот за проширување на канцелариите на докторите, што го објави Министерството за здравство (МЗ) откако првиот човек Беким Сали констатираше дека причината поради која докторите ги напуштаат работните места и се иселуваат од земјава не се ниските плати, лошите услови или пропаднатото здравство, туку малите канцеларии.
- Најдовме начин да застанеме на патот на иселувањето и не можевме да посакаме подобар партнер за таа работа од господинот Чифлиганец. Сите знаеме дека квадратурата е негова специјалност, па сигурни сме дека откако ќе заврши со канцелариите не само што ќе ги задржиме докторите, туку ќе ги вратиме и тие што се иселија. - изјави министерот Сали.
Од министерството јавија дека објавувањето на резултатите од тендерот имале толку голем импакт што дел од докторите го ставиле на пауза иселувањето и решиле да ги почекаат новите, пошироки канцеларии, а се иселиле само оние кои купиле стан од компанијата на добротворот Чифлиганец.