logo

# Сатира

За да не плаќаат поскапена храна: Владиниот ресторан ќе врши достава до домовите на функционерите

насловна слика

Вековниот сон на граѓаните, Македонија да стане земја без гладни функционери, по сѐ изгледа конечно ќе се оствари по заслуга на владиниот ресторан, кој по последните поскапувања на храната реши да воведе достава до дома и со тоа да им помогне на своите муштерии да јадат по багателни цени и кога не се на работното место.

 

- Знаете, кризата не ги погаѓа само обичните граѓани, туку и министрите, замениците, националните координатори и уште многу други измислени функции. Оти вие само ги гледате цените на менито, а не кажувате дека тие важат само за оние 8 саати додека функционерите се на работа. - изјави новиот национален координатор за достава на храна, кој воедно е и готвач во ресторанот, како и идеен творец на оваа хумана иницијатива.

 

На нашето прашање зошто се решил да им помогне на политичарите и дали очекува негативни реакции од јавноста поради тоа, тој додаде:

 

- Видете вака... Знаете ли како е кога ќе видите еден стамен министер, како на пример Маричиќ, кој нарачувал и по три порции бифтек, сланина или рамстек на едно седнување, да ви нарача салата?! Срце ти се кине на лице место. Како на тој човек да не му однесеш јадење до дома? И токму заради ова, сигурен сум дека граѓаните ќе ме разберат и ќе ме поддржат.

 

Ресторанот ќе почне да работи со достава до дома од овој понеделник и таа ќе важи за секој што држел некоја функција или се врткал по ходниците на Владата во изминатите 5 години.

Коментари


Остави коментар