Во отсуство на министерски обврски, господинот Венко Филипче седна да се напие кафе со нас (ха, in your face Lide Lide!), а оваа прилика ја искористивме да поразговараме за најновите теми во светот.
Го прашавме што смета за маските, а тој ни одговори дека во денешниот свет секој носи по неколку маски и никогаш не знаеш на што си. Еден ден ќе ти кажат едно, а друг ден друго. Еден ден ќе ти се прават пријатели, а веќе следниот ден ќе ти го забијат провербијалниот нож во грб. Тој вели дека порано било полесно бидејќи можело да наидеш на дволично луѓе, но сега луѓето се тролични или четворолични и секој носи по неколку маски.
Откако му објаснивме дека прашуваме за маски како превенција на КОВИД тој ни кажа и дека нема некое посебно мислење.
Секако, не заборавивме да го прашаме за неговото мислење во ситуацијата со Украина и Русија, а тој експертски ни кажа дека следните две недели се клучни.
Потоа разговорот продолжи во насока на спортското обложување по што нашиот новинар и поранешниот министер напишаа еден тикет во локалната обложувалница.
Се на се, нашиот новинар вели дека поминал добар ден со господинот Филипче и се надева дека во иднина ќе имаат уште некоја пријателска средба од ваков тип.