Откако го видовме постот за конкурс на Театар Комедија за комедија од македонски автор (бел скриншот на фотографијата), како и „резултатите од истиот“ (црн скриншот, логично), решивме сите заедно да се вклучиме во масовна потрага кон она што навистина им треба - мртов автор на класично дело од жанрот комедија!
Во театар комедија очигледно ситуацијата е алармантна! Испаничените театарџии стравуваат за својот репертоар. Како што и самите тврдат, будно ја следат македонската драматургија како еден од најважните приоритети, но ете, „што носи денот не носи годината“, велат од Комедија.
„Да! Пу пу, не важи! Ете, наеднаш се промени репертоарската политика на театарот, па се дојде до ваков кризен момент на потрага по мртви автори и под дрво и под камен.“ – трепереа гласовите на театарџиите, а во очите кристално јасно им се гледаше само паника!
Аристофане, Тиреције, Шекспиру, Оскре Вајлде, а и ти Молиере и сите други знајни и познајни од сите, појавете се! Јавете се! Пријавете се! Ова е вашата шанса! Шанса која не смее да се пропушти! Сега е вашето време! Пријавете ги вашите текстови на токму овој конкурс! Светот чека со подотворена уста!
НАЧИН НА ПРИЈАВУВАЊЕ: Пријавените текстови треба да се достават во затворен плик, во три примерока, со назнака: Конкурс – Комедија и шифра. Во пликот, освен текстот треба да се приложи посебен затворен плик означен со истата шифра во кој ќе бидат содржани податоците на авторот (име и презиме, адреса, контакт телефон, е-пошта и кратка биографија на авторот).
ВАЖНО: Доколку некој некаде забележи некој класичен мртов автор кој има многу комедии во своето CV, веднаш да го пријави во Театар Комедија со шифра во посебно плико, а за тоа ќе биде награден со два билета лоцирани на седина на салата.
НАПОМЕНА: Уште еднаш напоменуваме дека овој пат имаат право да се пријават само и само мртви автори.
НАГЛАСЕНА НАПОМЕНА: Од конкурсот се исклучуваат оние што се сметаат како такви!