Откако вчера го прифати најновото обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и после 9 судски постапки што се водат против него конечно реши му го одземе пасошот за да го обезбеди неговото присуство на судењата, Основниот суд во Струга најави дека подготвува и дополнителни казнени мерки во случај обвинетиот да продолжи да го крши законот во истиот манир и откри една од нив.
- Нема веќе попуштање! Ќе удриме таму кај што најмногу боли за да се знае дека криминалот не се исплати. Може да ти помине еднаш, два пати, три, четири...до осум пати, ама на деветтиот ќе има санкции. Сега Мерко остана без пасош, на 18-тото судење ќе остане без возачка книшка, па нека плаќа казни место да впишува казнени поени! - рече портпаролот на струшкиот суд.
На нашето прашање дали возачките книшки се сѐ уште во функција и ако не се, дали има смисла да се одзема документ кој не се користи, портпаролот се пожали дека слабо нѐ слуша и вети дека ќе ни даде одговор по писмен пат, но до затворањето на веста таков одговор не добивме.