Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денес, во своето обраќање до јавноста ја оправда одлуката на министерството да распише нов јавен оглас за 600 вработувања во полицијата, со слабото познавање на основните математички операции кај претходната тура вработени полицајци, 400 на број.
- Вложивме многу средства со цел претходните 400 вработени да научат по 2-3 бројки од 1 до 1000 и да можат да бројат заедно, ама не ни успеа. Инаку дечките се супер, физички се спремни, ги знаат законите, само се неискусни и се малку послаби си броење и основни математички операции. Ама пак не се професори на ПМФ за да ги знаат сите бројки во азбуката! - рече министерот Спасовски.
На крајот на своето обраќање тој испрати порака до новите 600 бројачи, во која ги посоветува уште веднаш да си изберат број меѓу 1 и 1000 и да се посветат на негово меморирање, затоа што, како што пресметал тој, ќе им бидат потребни најмалку два пати по 20 дена (претпоставуваме министерот сакаше да каже 40 дена, но веројатно уште не стигнал до тој час) за да го совладаат.