logo

# Сатира

Соопштение до јавноста на Здружението за сатира и желба за хонорари на Македонија, попознато во јавноста како ЗСЖХМ

насловна слика

Долго време размислувавме дали и кога да излеземе со соопштение, бидејќи имаме што да кажеме, т.е. напротив веќе немаме што да кажеме.

Сите ние, а многу сме тие ние во Македонија, можеби веќе се работи и за бројка од 6 луѓе, не сме изненадени, но сме запрепастени од упорноста на владата на Вашата Земја да го згасне и овој занает и покрај тоа што другарката Лукаревска пред само некој ден имаше состанок со нас занаетчиите, каде што ни вети внимание, оти за друго треба знаење и пари, а моментално владата не располага ниту со едното, скраја да е пак со другото т.е. првото.

Влада на Вашата Земја, морам да сум тука безобразен и да изговорам нешто вакво, СО НАМЕРА, решила да го уништи овој занает, сатира, посебно одделот за холистичка сатира, не размислувајќи на семејствата на овие шест луѓе кои ќе останат без леб, т.е. ќе се во иста ситуација како и во времето кога не се занимаваа со занаетот сатира.

Ок, да сме искрени, тука не станува збор за 6 семејства од типот на 36 луѓе, бидејќи само две личности од тие 6 луѓе се во брак, немаат деца, значи имаат време за сатира, а другите 4 се во потрага по постабилна иднина како би можеле да пристапат кон семејство, со 3 миленичиња, но со забелешка тука - што е тоа семејство денес и нели човек си е доволен сам на себе!?, без да навлагаме во интима со некои мисли од други Здруженија од типот дека ако некој човек руча сам после работа, разговара сам за проблемите на работа за време на ручекот, итн итн, плаќа сам кирија, цел месен нарезок сам го јаде, итн итн, нели тој човек сам е семејство сам на себе!? Дури можеме да кажеме дека е ретко среќно семејство, но да не должиме на темава, обработени се овие содржини во најновата програма за прво одделение по предметот "Општество и се друго, дигитална верзија за прво тримесечје, насока за надарени деца на родители со примања над 30% од просечната плата во Вашата Земја".

Не сакаме да ве замараме, не сакаме да отвараме архиви, па затоа, за она што сакаме да го кажеме со и во ова соопштение, ќе се послужиме со примери, еве нека биде, од вчера.

На фотографија бр. 1 имаме исечок наслов од интервју со премиерот на Вашата Земја. Јас се насмеав, мислев се работи за сатира, за некој нов дечко што сака да пристапи кон нашето Здружение, но кликам на насловот и читам ова навистина се случило 🙁 а зашто!?!, не за да се изгуби смислата на сатирата, туку народот да се насочи во погрешна насока и кликајќи по вакви наслови со цел да се насмеат, мислејќи е сатира, а не е, стихијно ја уништува во нив желбата за клик, т.е. таа минимална желба за насмевка што не трае подолго од 1 минута, се со цел да ги залечи и да заборави на миг останатите 1339 минути од денот.

 

На фотографијата бр. 2 (мене омилена), веќе имаме класична англиска сатира од 70тите и мислам секој коментар од наша страна е вишок. Прекрасна реченица што нуди милион слики во нашите глави, на пример мене прво што ми паѓа на памет е кога после година дена пак ќе треба да се соберат сите вработени во Катастар, во таа зградичка што собира само 1/10 од нив и дека колку и да е смешно, можеби имаме сериозен проблем. Сериозен проблем нормално има, гласачи мора да има, но ние како Здружение немаме проблем со ова, немаме проблем ни што заменик министерот Хасани не е член на ЗСЖХМ, но се што сакавме е ова да си беше во категорија Сатира, а не насмеан народ да го чита во Вести од Вашата Земја!?

 

На фотографија бр. 3 се работи за случај на пример, како да се убие сатирата пред да се случи, т.е. откако директорот виде како се однесуваат градоначалникот и премиерот на Вашата Земја со диносаурусите (да, онаа фотографијата на која се градоначалникот здрвен од алкохол преплашено ги гледа пластичните диносауруси, а овој другиот (тој на Вашата Земја) пак да му покаже дека не се страшни храбро му вели, еве види колку се слатки и ја гали пластиката), мораше да преземе нешто без да ги навреди истите, па уште пред да пристапат децата во новиот парк, достави Барање до родителите, во случајов ова можеме да го земеме предвид само како Барање до старателите на горенаведените личности, бидејќи не е наведено дека е сатира, а е во тој правец.

 

На фотос 4 имаме директен удар кон одделот сатира фотошоп при ЗСЖХМ. Имено, нашиот член Н.Н., кој би сакал да остане анонимен, бидејќи има купено стан во зградите на Чифлиганец, 3 месеци работеше на една и само една фотографија, која би ја рефлектирало целосно ситуацијата во Вашата Земја изминативе 4-5 години.

И на крај што се случи??, три дена пред да ја објавиме фотографијата, изгледа имаме крт во Здружението, погледнете какво ремек дело од сатира, што пак ќе кажам, НЕ Е САТИРА, ни приложија од владата на Вашата Земја.

Погледнете ја фотографијата и најдете, па ако најдете јавете ни се, пишете, дека има нешто што фали или е вишок на фотографијата!?!... Алооооо, нема!!

Совршено ремек дело, што колку и да е тажно, имајќи на ум дека на фотографијата гледаме и инвестиција од 300 милиони евра пари на народот, но сепак, не може да се најде човек и во Вашата Земја, а и во другите држави на планетава (можеби и надвор од неа), што нема да се згази од смеење на истата, посебно не ако ги раскажеш ликовите од фотографијата!? Лудо добра фотографија за век и векови!!, но за жал уништен сектор во нашето ЗСЖХМ.

Сепак, да не должиме, целта на ова Соопштение до јавноста ни беше дека се ова што се прави од страна на сите структури на владата на Вашата Земја - НЕ Е ФЕР, бидејќи пред тие да се активираат имавме дневно барем по 20-30 теми за сатира на нивните дела, нивната транспарентност, без да ги земеме предвид темите на Љупче од корупција, а сега се сведовме на 5-6 што можеме да ги искористиме и со кои можеме да работиме,.. на кратко кажано, се ни зедовте 🙁

 

Ќе морам тука мала дигресија пред да завршиме со соопштението, еве ја читам таа Мила во моментов, и внимавајте (фотографија бр. 5), таа самата објавува новинарска сторија/истражување, дека лани нејзините Арс Ламина и Арбериа Дизајн шиткале на нејзиното министерство учебници за 20-25% по поскапа цена од онаа што се во малопродажба!?, а ТАА Е ТАА која го направи тендерот, набавката и се на тие учебници - во вредност од 10 милиони евра и тоа во август, кога веќе учебниците за наредната година беа поделени на децата!? 😀😃🙂 (нешто за што пишувавме уште лани во август, да ни се приложи со фотографија каде се тие учебници од 10 милиони евра на веќе обезбедени учебници, бидејќи имаше тендер и претходно во јуни 😉 )

Кого критикува?, кого прави луд?, не ни дозволува да ја пренесеме веста како криминал, не пак како сатира!? Таа прва го споделува истражувањето, кое освен за нејзина оставка и кривична одговорност, не можам да му најдам НЗС дека е за споделување од нејзина страна.

Можеби и се пријавила во мвр, ќе видиме.

За крај само да кажам дека ЗСЖХМ ќе остане тука за вас и ќе продолжи да се бори за нашите и вашите права, како и се останато наведено во ТРИТЕ строфи од Химната 😉

Коментари

GQ4dIGpwWfhlesrMlv77HBpGAjuwFnGo2fnjrkXE

СУПЕР СТЕ, продолжете така, ако неможе Путец или Бубе корупција, бар да се изнасмееме


Остави коментар