Последното апсење за проневера на сегашниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, кој на функцијата го наследи д-р Д-раги Рашковски, исто така уапсен од истата причина, инспирираше голем број блиски луѓе на Заев ова саботно утро да го искористат за бришење на заедничките слики со Зоки и за демантирање на било каква поврзаност со поранешниот премиер.
- Господинот го познавам само од телевизија и од интернет. Категорично тврдам дека сите материјали на кои сме заедно се сечени, лепени и монтирани само за да ми се наштети. Затоа барам институциите веднаш да го заштитат мојот углед и да наредат бришење на овие одвратни конструкции од сите можни платформи. ЗАЕВ НЕ Е МОЈ ПРИЈАТЕЛ! - изјави еден од националните координатори во бившата Влада на Заев и нѐ замоли да не го откриваме неговото име.
Откако господинот Љупче Николовски се увери дека се работи за сериозна редакција, која ќе го заштити неговиот идентитет, ни откри дека не е сам, туку зад него стојат голем број луѓе што исто така се жртви на слични монтажи и местенки и доколку нивните барања не се испочитуваат, тие се спремни да излезат на улица и да се борат за нив.