Неколкудневните препукувања помеѓу службите на град Скопје и раководството и вработените во Комунална Хигиена, засилени со реакции од најголемите политички партии, по се' изгледа завршуваат благодарение на добрата комуникација, креативноста и визионерството од сите вмешани страни, кои за доброто на скопјани, одлучија да ги тргнат разликите на страна и да ги искористат материјалите од оградата околу Влада што не станаа клупи за седење, за да го решат проблемот со ѓубрето во нашата метропола.
Нивното заедничко решение, кое деновиве треба да биде презентирано пред јавноста, а кое Кооперација ексклузивно го дознава, предвидува соработка со фабриката за електрични автомобили во Тетово, која ќе се пренамени во фабрика за електрични камиони се' додека не се произведат доволно возила за да се собере ѓубрето во главниот град.
Според првичните проценки на експертите, првата тура од 100 електрични камиони за отпад ќе излезе од фабриката во Тетово во исто време со завршувањето на автопатот Кичево-Охрид, за првите возила што ќе го сефтосаат, да бидат 100% македонски производ. По пристигнувањето во Охрид, тие ќе бидат транспортирани до Скопје со хеликоптери и ќе бидат ставени во употреба.