Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го избришал од евиденција Стоилко С., вработен во градежна компанија, затоа што одбил да учествува на традиционалниот првомајски излет со своите колеги и наместо тоа решил да излезе на протест за своите права.
- Во ССМ солидарноста и традицијата се над сѐ. И токму поради тоа, некој што оди против традицијата и сака да протестира додека другите се мачат да ја дојадат скарата и да го допијат алкохолот, не може да биде дел од синдикатот. Немаме ништо против работниците да си ги бараат своите права, но барем да избереше некој друг ден, а не тоа да го прави на ваков тежок празник. - рекоа од ССМ.
И колегите на работникот се обиделе да го вразумат, но како што ни рекоа, тој упорно повторувал дека 1 мај е денот кога работниците треба да се борат за подобри работни услови, а не да одат на излет, по што кренале раце и го оставиле сам да протестира за нивните права.