Незапамтен интерес за бокс, џудо, карате, теквондо и други боречки спортови помеѓу Македонците во Швајцарија предизвика последната македонска вечер што се одржа во оваа земја, а на која нашите иселеници си разменија шамари, боксови и искуства од нивниот живот во туѓина.
- Порано одев на играорна за да сум подготвен за македонска вечер, ама по последните случувања сфатив дека сум грешел. Мислам, џабе јас го знам пајдушкото до совршенство, кога не можам да фатам чекор од боксови. – се пожали еден од новозапишаните џудисти во Швајцарија.
Оваа случка ги израдува стоматолозите во Нашата Земја, кои ги повикаа нашите гастарбајтери почесто да организираат вакви настани и им ветија 20% попуст на сите што ќе докажат дека останале без заби во орото на некоја од македонските забави.