Интензивни тренинзи што траат и по 8 часа дневно, со само 15 до 20 паузи за кафе, започнаа вработените во јавнатата администрација, со цел спремни да го дочекаат штрајкот со неработење, најавен за овој четврток и петок, на кој тие ќе побараат подостоинствени плати.
- Ние сме искусни професионалци и ако нешто правиме, го правиме темелно, па така ќе биде и со штрајкот со неработење. И да, свесни сме дека многумина нѐ сметаат за професионалци во излежување и неработење, но тој статус не е стекнат случајно, туку е резултат на талентот за избегнување работни обврски, кој ние постојано го развиваме со напорни и посветени тренинзи. Токму тоа нѐ движи напред и нѐ мотивира уште повеќе да тренираме за тој да блесне во сиот свој сјај. - изјави главниот тренер на администрацијата, кој сакаше да остане анонимен.
Како што дознаваме, најголем дел од административците тренираат во неработните комплекси, попознати како нивните канцеларии, додека еден помал дел тренинзите ги одржува во домашни услови, по посебна програма и со друг тренер.