По долги и исцрпни преговори кои траеа до длабоко во ноќта, лидерите на најголемите партии во земјава конечно постигнаа согласност за една од најважните точки од преговорите за формирање на техничка влада – техничкиот Дедо Мраз.
Иако заради децата неговото име ќе се држи во тајност се' додека не поминат празниците, според нашите извори се работи за чесен професионалец, без дамки од минатото, кој успеал во животот без помош од партија и е спремен да ги исполни сите желби на децата.
Граѓаните со кои разговаравме не веруваат во постоењето на таква личност, но предлагаат - доколку навистина постои, по истекот на мандатот тој/таа да остане во техничката влада како технички министер за правда и да им исполни една желба и на повозрасните.