„После долго и мачно размислување нашите експерти дојдоа до решение, се разбира со цел да се подобри животниот век на граѓаните. Од денес се воведува нов сегмент во одлежувањто на затворската казна.
Нашето министерство на чело со министерот Бојан Маричиќ дојде до клучна стратегија и тоа изгледа некако вака:
Лицето кое е во затвор, доколку во моментот на извршувањето на затворската казна физички не е лоцирано на местото наменето за него и доколку направи некој прекршок - веднаш се спроведува од страна на надлежните органи со мерка притвор.
Доколку и тогаш лицето не биде најдено на локацијата каде е заведено, односно во притвор, во моментот на сознавањето за отсуството - се воведува новата мерка твор.
Оваа нова мерка не е новосоздадена, само до сега не била именувана. Мерката твор се воведува само и само по мерката притвор, а со оваа мерка, која е последна на скалата мерки за затварање осудени лица, на осуденикот му е дозволено присуство на сите локации освен на оние државните во кои што е заведен, било да станува збор за затворската или притворската локација.
Значи да разјасниме, да кажеме поедноставно, како и секогаш со цел за да биде транспарентно пред граѓаните, осуденикот од затвор оди во притвор, па на крајот во твор. Твор е последната мерка и после неа судот нема право да изрекува било какви други мерки за лицата кои веќе ја извршуваат оваа нова решавачка мерка.
Сигурни сме дека оваа наше решение ќе функционира зашто и самото е проверено. Накратко: Притвор, затвор, твор и чао!“ – рече потпаролот на Министерството за правда Александар Видиновски додека го спремаше својот нов микс за време на паузата за ручек, додека министерот за правда Бојан Маричиќ ја користеше паузата за редовните фитнес тренинзи.
Остануваме на терен и танцуваме со Видиновски!