Десетиците шокирани функционери, кои со неверување ја примија веста за укинување на пресудата за предметот Таргет-Тврдина од страна на Апелациониот суд, со која Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор , вчера испиле дури 369 хектолитри блага вода во обид да го ублажат шокот и да продолжат нормално да функционираат.
Од извори блиски до водоносците во Влада дознаваме дека ова е рекордна количина на блага вода потрошена од осамостојувањето до денес, повеќе дури и од денот на бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, кога поради шокот биле испиени 210 хектолитри, од кои 22 хектолитри испил Оливер Спасовски лично.
Рекордот беше потврден и од претставници на Гинисовата книга на рекорди, кои доцна синоќа пристигнаа во Владата за од прва рака да ги измерат потрошените количини, но и да дознаат што ги шокирало функционерите, после што и тие самите побарале блага вода за да се смират.