Откако Кастриот Реџепи кажа дека во декември нашата земја ќе добие датум за датум за преговори за датумот за датумот за преговори во Унијата што живот дава - тој сега открива дека му биле откриени и нови информации што не ги знае обичниот граѓанин!
Освен тајната информација за тоа кога ќе влеземе во ЕУ, Кастриот исто така дознал и кога ќе се реди КОВИД пандемијата! Верувале или не... следните две недели се клучни!
"Видете, дечки. Овие од ЕУ се ептен паметни. Ми кажаа се и сешто. Не очекуваа можеби дека ќе го споделам знаењето со другите, ама сепак ќе го споделам. Во декември ќе се среди се за ЕУ. Ви кажав тоа? Ви кажав. И така ќе биде. Ама дознав и многу различни информации. Наводно, следните две недели се битни за коронавирусот. Значи клучни се следните две недели, па после ќе видат што како. Ми кажа и дека не постоел Дедо Мраз. Значи ти кога спиеш, родителите ти ставаат пакетче под елката. Ова меѓу нас да остане, јасно? Е, ми кажаа и за кого е песната "Дона" на Калиопи. Ама... ајде, да не откривам се, нека остане и некоја тајна. Ок? Ајде, се брзам, ќе ти кажам пак ако има нешто" - му кажа Кастриот Реџепи на нашиот новинар.