Претставници на една од најразвиените и најстабилните индустрии во Нашата Земја – невладината индустрија, денес се пожалија дека нивните бизниси трпат огромни загуби поради војната во Украина и побараа итна интервенција од Владата за да можат да продолжат со работа.
- Обично војните и конфликтите се од корист во нашата работа, но овој пат не е така. Нашите финансиери покажаа исклучителна неодговорност со тоа што решија голем дел од парите да ги донираат директно во Украина, наместо да ни ги дадат нам, па ние да ги претвориме во проекти кои ќе им бидат од помош на Украинците. И не е тоа проблем! Ние сме спремни да се жртвуваме и летово да одиме само 3 пати по 2 недели на одмор, но бараме гаранции дека нашата жртва ќе се исплати! - изјави еден од најпогодените невладини бизнисмени, кој сакаше да остане анонимен.
Неговите колеги исто така се вклучија во разговорот и си ги кажаа своите маки, па така едни се пожалија дека повеќе од 3 месеци не го обновиле мебелот во канцелариите, други дека возниот парк на НВО-то им е ист веќе втора година по ред, доведувајќи го до солзи репортерот на Кооперација, кој со часови ги слушаше тажните приказни на овие луѓе што заедно имаат над 7 дена работен стаж.