Седмоодделенецот Габриел Бајрам, чиј летен распуст, полн со згоди и незгоди, кулминираше со тромесечна затворска казна, денес преку својот личен адвокат достави барање за нејзино одложување до следниот 10 јуни, за да добие можност да ја започне учебната година на време и да не заостанува со материјалот.
- Мојот клиент имаше навистина бурно лето, но тоа е нормално за седмоодделенец. Знаете како е, хормоните дивеат, крвта врие и се случува човек да згреши. Не е добро кога таа мала грешка е закана за неговото образование, а со тоа и за неговата иднина. Затоа, да му дадеме шанса да лежи следното лето...ако не го остават на полагање. – изјави неговиот адвокат веднаш по поднесувањето на барањето и додаде:
- Габриел е толку нестрплив да се врати во училиште, што веќе го напиша расказот - „Како си го поминав летото?“ и мислам дека ако му ја одземе шансата да го прочита пред своите другарчиња, комплетно ќе му ја убиеме желбата за образование. – заврши адвокатот.
Поддршка за одложување на казната стигна и од наставничкиот колегиум во основното училиште „26 Јули“ како и од учениците од 6а, кои без двоумење застанаа зад претседателот на одделението, господинот Бајрам.