„Сиромашен гурман" е името на готвачот со 1001 посен рецепт, кој го објави Владата на Нашата Земја како одговор на вртоглавиот раст на цената на маслото, но и со цел да им помогне на најзагрозените социјални групи полесно да ја пребродат економската криза, која, со мали паузи, трае веќе 30 години.
- Да бидеме реални, на платите што ги земате треба овие рецепти да ги знаете на памет, а не ние да ви ги собираме, ама ајде...такво е Македончето. Ем нема, ем навикнато секој ден да јаде помфрит. Е па не може така. Негде ќе мора да крати. Плус, варениот компир не е толку лош. - велат од Владата.
Сите заинтересирани за ова издание ќе можат да се пријават за својот бесплатен примерок во најблискиот центар за социјални работи до местото во кое живеат, после што тој ќе им биде доставен бесплатно, на домашна адреса.
Како што ни пренесе анонимен извор од Владата, во подготовка е и второ издание на готвачот, со рецепти кои можат да се зготват без електрична т.е. топлинска енергија, но планот е тој да биде издаден по следното покачување на цената на струјата.