П. Х. од Демир Хисар е првиот уапсен поради прекршување на членот 407-а од Кривичниот законик, што МВР и Обвинителството решија да го спроведуваат за прв пат од неговото носење, а со кој се предвидува и до пет години затвор поради одобрување или оправдување на воени злосторства.
Од извори блиски до специјалната единица за детектирање и казнување на Фејсбук коментари дознаваме дека уапсениот е нивни колега, кој при жестоката пресметка во коментарите под вест објавена на страницата на неименуван портал, не го забележал својот лажен профил што го користел истиот ден и го пријавил својот коментар кај претпоставениот командир.
Командирот веднаш постапил по дојавата и ја ангажирал единицата за компјутерски криминал да го пронајде сопственикот на профилот, која по 10 минутна потрага го лоцирала сторителот, по што тој бил уапсен и префрлен до дома за да може добро да размисли за тоа што го сторил.
Од МВР велат дека тоа нема да биде единствената санкција за полицаецот, туку тој ќе добие и усмен укор од министерот и предупредуваат дека, иако овој пат апсењето не завршило со притвор или со затвор, следниот уапсен што нема да е нивни вработен, ќе мора да лежи за сите.