Европјанинот на годината, Кастриот Реџепи, по ветото што ни го „стави“ (може и без наводници) нашиот источен сосед, Бугарија, испратил протестно писмо до францускиот претседател, Емануел Макрон, затоа што ја изманипулирал госпоѓата Реџепи со тоа што ѝ дал гаранции дека во декември Нашата Земја ќе добие сигурен датум.
- Иако сѐ уште тешко се соземаме од шокот што ни го приредија Бугарите, сепак јас и мојата понаивна половина смогнавме сили и му пишавме на Емануел. Нека знае дека сме комплетно разочарани од него како човек, а богами и како претседател и никогаш нема да му го заборавиме ова! Такви трауми ни приреди, што ќе треба да поминат години додека да ни се врати довербата во човештвото. Скршени сме! – со треперлив глас изјави г-нот Реџепи, додека се обидуваше да ги скрие насолзените очи од нашиот фоторепортер.
Како што дознаваме, веднаш по пристигнувањето на писмото во Париз французинот се обидел да го исконтактира брачниот пар Реџепи со цел да им даде објаснување за своите постапки и своето „бугарско“ однесување, меѓутоа сѐ до затворањето на оваа вест, тие одбивале да му дигнат слушалка.