Веста дека МПЦ и СПЦ по повеќедецениски спор успеаа да најдат заеднички јазик и да ги надминат меѓусебните разлики, донесе голема радост помеѓу православните верници од двете земји, но и меѓу гигантите во автомобилската индустрија, како БМВ и Мерцедес, чии акции скокнаа за дури 80%, само неколку часа по нејзиното објавување.
- Благодарни сме што по неколку децении овој неразумен спор меѓу двете братски компании конечно заврши и сакаме да им посакаме мир и разбирање. Тој беше причина што нашата индустрија се соочи со многу предизвици, заедно со свештениците од двете цркви, кои долго време мораа да се возат во модели стари и по 5-6 години поради тоа. Среќа од денес сето тоа престанува и конечно можеме да кажеме дека за нас доаѓа живот. - се вели во заедничкото соопштение на двата германски гиганти.
Од МПЦ и СПЦ велат дека растот на акциите на нивните омилени компании е доказ за заедничката правилна одлука и се надеваат дека компаниите ќе го имаат ова во предвид при следната обнова на нивните возни паркови.