Притвореникот и пионерот во копањето криптовалути на државна сметка, Габриел Бајрам, познат и по своите боречки вештини што пред некое време ги демонстрираше врз шанкер во еден од скопските ресторани, тргна по стапките на Кичеец, Камчев и Мијалков и извади охридска лична карта од, како што рече, патриотски побуди.
- Уште од дете сум се воодушевувал на легендарните охриѓани како браќата Миладиновци, Нико Нестор, Владо Малески и многу други. И ете, повеќе од 30 години подоцна, почнав да го живеам детскиот сон. Гордоста што ја чувствувам сега, последен пат ја осетив во јуни 2018, кога го добив свидетелството за завршено 4то одделение. Потоа се зафатив со рудникот и го запоставив образованието, но сѐ испадна добро. - изјави Габриел со треперлив глас.
Како што дознаваме од извори блиски до општина Охрид, за новопечениот охриѓанец ќе биде организирана манифестација на која ќе настапат многу светски и регионални ѕвезди, а личната карта свечено ќе му ја доделат неговите сограѓани: Орце Камчев и Сашо Мијалков.