Огромниот успех на нашата дипломатија, која во време на глобална криза и закочени европски перспективи успеа да оствари соработка со една од најбараните старлети во Европската Унија, според претседателот Пендаровски е само почеток на добро осмислена дипломатска офанзива, која доколку се оди според планот, ќе биде крунисана со посета на Ким Кардашијан.
- Менаџерот на Ким ми пренесе дека чекаат решение на спорот со Бугарија за да ја официјализираат нејзината посета на земјава. Ова е повеќе од доволна причина веднаш да ги прифатиме сите бугарски барања и еднаш засекогаш да ја ставиме земјава на светската инфлуенсерска мапа. Многу сум возбуден! – рече Стево.
Тој додаде дека веднаш по добиената информација ги собрал членовите на историската комисија во својот кабинет и тие се согласиле да прифатат сѐ, под услов да добијат ексклузивен пристап до инфлуенсерката за време на нејзината посета на вилата „Водно“ и најмалку 5 фотографии со неа.