Нашата влада овие денови се фали дека францускиот т.е. ЕУ предлогот за решавање на спорот со Бугарија ни го гарантира нашиот јазик како македонски, а жителите на земјата како Македонци (нешто што е по втор пат потврдено, после договорот од Преспа), но екипата на Кооперација прочепка по договорот и откри уште еден огромен ќар од овој договор за кој не се фали нашата влада, најверојатно поради тоа што се срамежливи.
Имено, според договорот, Бугарија се обврзува дека СЕКОЈ ЕДЕН ЖИТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ИМА ПРАВО ДА ДИШИ ВОЗДУХ!
Потпишување на договор кој ти гарантира дека можеш да си го говориш својот јазик, да си жител на својата земја и договор кој ти гарантира дека смееш да дишеш свој воздух е огромен успех во 2022 и ние сме презадоволни што оваа влада работеше цврсто и напорно за да ни потврди дека имаме право на свој воздух!
Стапивме во контакт со Димитар Ковачевски, а тој иако делуваше срамежливо на стартот, се опушти и ни потврди дека сепак ова е вистина.
"Да. Не сакавме да се фалиме, ама вистина е. Договорот ни дозволува да дишеме воздух, освен тоа што ни потврдува дека сме Македонци кои говорат македонски јазик. Има премногу поволности од овој договор, мислам дека ги насанкавме Бугарите. Дури има една точка... ама... ама ова меѓу нас, не сакаме да се фалиме ок?" - запраша Ковачевски, а откако доби позитивен одговор од нашиот новинар, проодлжи - "Има една точка таму во договорот и ти вика дека слободно можеш детето да си го крстиш Македонка ако сакаш. Ееееј, Бугарија ни дозволува да си го крстиме детето Македонка ако сакаме! Знаеш ли каква победа е тоа? Јазикот, националноста, воздухот, децата... цел живот го потврдуваме со овој договор! Генијален, генијален договор, стварно не знам како се дрзнаа Бугарите вака да си дозволат. Ја бев спремен да потпишам и 80% од времето да смееме да дишеме воздух и да си кажеме дека пишуваме македонски јазик само од понеделник до петок, ама еве, некако Бугарија ни дозволи 7 дена од неделата да дишеме воздух и да кажеме дека говориме македонски јазик. Генијален договор!"
Браво! Огромен успех!