Раководителите на „Националната опера и балет“, чиј објект пред неколку дена беше исклучен од мрежата за електрична енергија поради неплатени сметки, денес се пофалија дека успеале да најдат прифатливо решение за овој долгогодишен проблем и ѝ ја презентираа на јавноста новата локација на која ќе се одржуваат пробите и претставите.
Во прашање е новата спортска сала во Арачиново, која после темелни анализи и опсежни консултации со докажани експерти за заштеда на електрична енергија, е избрана како најпрактична и најекономична за продолжување на досегашниот начин на работа на установата.
- Огромно благодарам до експертите од ДУИ, посебно до нивниот претседател Али Ахмети, кој освен што ни покажа како се користи продолжен кабел, не’ научи и како да продолжиме - и со работата, и со неплаќањето на сметките. Неговата мудрост не’ просветли и не’ поведе во еден нов и храбар свет, во кој сонот за бесплатна струја е реалност. – рекоа од „НОБ“
Тие додаваат дека спортската сала во Арачиново ќе биде зимска сцена, во која претставите ќе се играат на затворено, додека за летна сцена добиле ливада во близина на главната продавница во Грчец, од каде ќе добиваат бесплатна струја за летните настапи.