Откако "Планот Б" на Левица се покажа како неуспешен и познатиот миротворец Талат Џафери ги одби нивните барања за референдум, многумина помислија дека оваа партија нема друг план како да се бори против ЕУ предлогот за добрососедството меѓу нашата и земја што не е нашата.
Но, од Левица денеска објавија дека имаат нов т.н. План Љ!
Тие до сега во темница работеле на планови од В до Л, а откако тие не успеале, се решиле за овој план.
"Планот е едноставен. Вчера гледав еден филм. На торент. Фала богу не сум глуп да плаќам пари на капиталисти." - започнува фејсбук статусот на Апасиев - "И во филмот имаше еден богаташ. Тој богаташ беше генерално себичен и не се грижеше за сиромашните, исто како и модерните капиталисти. Арно ама, на Божиќ му се појавија тројца духови. Духови на сегашноста, минатото и иднината. Богаташот се извади од памет од овие тројца духови и кога се разбуди тој сфати дека се што правел е погрешно и реши да им помогне на сиромашните! Се ближи Божиќ, а од извори блиски на КГБ дознаваме дека Ковачевски и Џафери имаат проблем со спиењето во последно време. Веруваме дека овој план ќе вроди со плод! #Продолжуваме #СамоГосподИСтразбурЌеНиСудат #ПланЉ"
Пробавме да стапиме во контакт со лидерот на Левица за да му објасниме дека е малку глупаво да се очекува дека ваков план ќе вроди со плод, но се уште не добивме одговор за истиот.
Ние нема да го кажеме нашиот став за овој план, но само ќе кажеме дека на негово место би имале и план М.