Само неколку часа и 80 илјади евра ѝ беа потребни на Владата за да им објасни на граѓаните дека Нашата Земја е на ист континент со ЕУ, и со тоа да ја крене поддршката за уставните измени за неверојатни 93%, како што покажа истражувањето на Институтот за корисни и сосема спонтани истражувања (ИКССИ) спроведено од Маричиќ, лично.
- Видете, живееме во ера на информации, но не секого го интересира каде точно се наоѓа земјава. И токму овој раст на поддршката е доказ дека поголем дел од населението сега ја дозна нејзината местоположба. Затоа сум сигурен дека откако ќе се објасниме со сите, работите ќе си дојдат на свое место. - изјави вицепремиерот Маричиќ.
Како што дознаваме од извори блиски на пекарата во која вицепремиерот купува леб, истражувањето го спровел на репрезентативен примерок од 1400 испитаници, кои вицепремиерот ги испитал сам, без ничија помош, при што заштедил 10 000 евра, пари со кои ќе се обезбеди кетерингот при средбите со граѓаните.