"Да, точно е, јас сум претседател на ЗАЕЛ ПАРЕ", потврди Камчев па додаде „иакo сите мои колеги затвореници се чувствуваат невини, да точно е дека се невини! Јас тоа со сигурност го знам бидејќи и самиот сум невин.
Сакам да истакнам дека тука до мене се:
Мијалков, како мој советник;
Јанкуловска во функција на благајничка;
Миле Јанакиевски, зошто да не;
Рашковски, за да нема албино протести;
Боки 13, како мој најголем поддржувач и иден министер за финанси;
Кичеец, кој моментално не е тука, но морално е да кажам дека е негова најголема заслуга, бидејќи неговата информираност за правата на елитниот затвореник е на највисоко можно ниво. Со гордост истакнувам дека самиот Кичеец е мојот заменик, но за жал сега не е тука да потврди, користи денови од породилно.
Јас како најнајневин од сите сум претседател на оваа партија. Решението беше едногласно од страна на моите колеги, сопартијци.
И да!
Гордо велам колеги сопартијци, зашто и јавноста е свесна дека овде ротираат многу имиња од елитата и не можам да ве лажам вас, а ни себе самиот -вистината е дека чест ми е и задоволство што сум со оваа одбрана група или како самите милуваме да се нарекуваме ЗАТВОРСКА ЕЛИТА ПАР ЕКСЕЛАНС. Од таму произлегува и името на нашата партија, односно, скративме по некоја буква од зборовите и оп добитна комбинација - го добивме ЗАЕЛ ПАРЕ.
Одговара – едногласни бевме!
Сосема случајно името потсетува на презимето на премиерот, на кој не сакам да му го спомнам името, а освен на презимето потсетува и на еден од неговите интереси. Нашето членство предвидува дека многу набргу токму тој, а и повеќемина други за кои веќе се шушка низ нашите елитни кругови ќе станат дел од нашето елитно малцинство.
Не за џабе оваа партија е елитна,“ додаде Камчев „во неа не може секој да фигурира. Постојат голем број прецизно одредени критериуми за да се стане член. Како најважен критериум е зборот милиони, да биде испишан на сметката, за останатото може да има и компромис.
ЗАЕЛ ПАРЕ неуморно создава и интернационална клима! Слободно можеме да се пофалиме со големи елити, светски познати имиња како од бизнис така и од шоу бизнис со кои веќе сме во договори и преговори, а набрзо се очекува да ни се придружи еден од принцовите на Англија, но нема да откријам кога.
Сите се залагаме за едно „да се воведе само и само ментален затвор, а физичкиот да биде само со присуство он лајн доколку е неопходно. Тоа е сосема соодветно за новата нормалност.“
Истакна претседателот на ЗАЕЛ ПАРЕ додека се слушаа гласовите на споменатите, освен на Кичеец кој не беше тука, кои гласно, скоро едногласно извикуваа „Така е!“ и го прекина повикот.