Одлични вести за сите граѓани кои и после неколку години од свеченото пуштање на линијата со број 50 низ ГТЦ, не можат да ја заборават забавата што следуваше по овој епохален успех за градскиот транспорт.
Имено, благодарение на креативноста на вработените во министерството за транспорт и врски во соработка со град Скопје, тунелот кој денес беше откриен од затворските чувари во Идризово, ќе се пренамени во подземна автобуска постојка, низ која отпрвин ќе поминува 50ка, а подоцна и автобуси со други броеви.
- За да искажеме благодарност до затворениците што работеа на овој проект, но и да ги искористиме нивните вештини ќе им дадеме можност да ги отслужат казните со работа на тунелите на автопатот Кичево-Охрид. Веќе сме во дослух со Министерството за правда, кое треба да ги заврши нивните документи и да почнат со работа. Нека е аирлија! - рекоа од министерството за транспорт.
Од управата на затворот изјавија дека немаат ништо против тунелот да се пренамени, затоа што на овој начин ќе им се олесни престојот на ВИП затворениците, кои ќе добијат повеќе права и ќе можат да се дадат во бегство и на друг начин, освен пеш.