logo

# Сатира

НОВА БОМБА НА ВМРО-ДПМНЕ!!! Ковачевски не гласал за Александар Белов!!!

насловна слика

Бомбите од опозиционата партија се пречекани со огромно ракоплескање од страна на неутралните граѓани кои сметаат дека е навистина одлична работа што опозицијата открива тајни информации за партијата на власт!

 

Воедно тие...

 

...се извинуваме, читавме вест од пред 8 години.

 

Во продолжение, вистинската вест.

 

Бомбите од опозиционата партија се пречекани со огромно исмевање од страна на неутралните граѓаните што се вработени во владата кои сметаат дека е навистина забегана работа што опозицијата открива тајни информации за партијата на власт!

 

Но, ова не ги запира членовите на ВМРО-ДПМНЕ да продолжат со нови бомби за премиерот Ковачевски!!!

 

Откако тие открија дека во 2001 не бил во војска, од ВМРО-ДПМНЕ откриваат дека премиерот Димитар Ковачевски не гласал за Александар Белов на популарното реално шоу "Операција Триумф"!

 

"Овој човек ли сакаме да ја води државата??? Не отишол во војска! Не гласал за Александар Белов! Колку треба да не си ја сакаш државата за да не гласаш за Александар Белов??? Тинејџерки гласаа за него! 50 денари беше СМС! 50 денари, што е багатела! Па само јас 5 СМС-и пратив за дечкото! Еднаш и за Ноне гласавме! А еве ги, пред нас ги имаме информациите од телефонот на Димитар Ковачевски! Ниту еднаш не гласал за Александар Белов! Ова сметаме дека е сериозен грев и бараме итна оставка на премиерот! Доколку не си даде оставка ќе откриеме уште една бомба - дека се има ценкано за поевтина цена на празот на пазарче. Имаме уште неколку вакви сериозни бомби, а ако ништо од тоа не вроди со плод тогаш ќе пристапиме кон кажување на мајка му. Нека размисли!" - изјави член на ВМРО-ДПМНЕ на прес на партијата.

 

Екипата на Кооперација е згрозена од оваа информација за Ковачевски и сега почнуваме да се сомневаме дека стварно има некакво ментално пореметување. Ние од екипата на овој сајт сите гласавме три пати. Секоја недела. Два гласа за Александар Белов и еден глас за таа хрватицата една со јако деколте шо беше.

 

Коментари


Остави коментар