Ставот на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик не постои почна да ги создава првите проблеми за нашите граѓани и предизвика вистинска збрка во работилницата на Дедо Мраз која може да ги остави деца од Македонија без подароци.
Според извори блиски до баба Мразица, веднаш откако БАН го прогласи македонскиот јазик за бугарски дијалект, Дедо Мраз го отпуштил џуџето-преведувач од македонски, а на негово место поставил џуџе задолжено за бугарски јазик и дијалекти, кое и после повеќедневно трудење не успеало да преведе ниту едно писмо.
Од кабинетот на господинот Дедо потврдија дека подароците ќе доцнат затоа што преведувачот од македонски не е повеќе на работната позиција, но рекоа дека причината се проблеми со работната дозвола, иако отпуштениот тврди дека му било нудено да продолжи да работи со бугарски пасош.
Каков ќе биде крајниот исход од овој случај и дали децата ќе останат без подароци под елката заради работната виза или затоа што Дедо Мраз е бугарофил, следете тука во живо.