Претседателот на Собранието, Талат Џафери, чиј син деновиве беше во фокусот на јавноста поради тоа што успеал да положи адвокатски испит пред да дипломира на Правниот факултет, денес се обрати до медиумите и објасни дека нема ништо чудно во овој случај, затоа што малиот уште од бебе се истакнувал со својата прогресивност и генијалност и секогаш бил чекор пред другите.
- Уште од мал беше таков, напреден. Секогаш сакаше да биде прв во сѐ. Памтам дека се роди уште пред да биде зачнат, па морав да го правам отпосле. И еве, и ден денес остана таков и затоа стана адвокат уште пред да заврши правен. Како да не се гордееш со таков генијалец? - изјави гордиот татко.
На крајот на своето обраќање, Џафери најави дека ќе продолжи да му дава поддршка и да му биде ветер во грб на своето чедо, во надеж дека ќе му помогне во кариерата и ќе успее да го направи првиот човек во историјата што станал врховен судија пред да дипломира.