Екс директорот на „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани, кој од денес е нов организациски директор на Клиниката за кардиологија, полесно се повреди при обидот да ѝ се претстави на јавноста и да објасни која функција ќе ја извршува во иднина.
Очевидци на настанот велат дека се' било во ред до оној момент кога новиот директор пробал да го изговори името на клиниката со која ќе директорува, кога наеднаш се слушнал страшен врисок, после кој настанал вистински хаос.
- Сега слушам дека се работи за лесна повреда, но на прв поглед воопшто не изгледаше така. Напротив, очигледно беше дека има страшни болки кога стигна до зборот, а според мене се задоби и со скршеници. Можеби тоа што Брзата помош беше вистински брза направи разлика, не знам... - изјави еден од очевидците на обраќањето.
Како што дознаваме од извори блиски до Брзата помош, господинот Шабани е во стабилна состојба и во најскоро време ќе биде пуштен на домашно лекување, под услов во иднина да не се впушта во вакви авантури и да се претставува само како „директор“.