Субвенционирани фотоволтаици, донација од новата компанија на сопругата на премиерот Ковачевски, добија сите коледарчиња кои денес сосема спонтано, во исто време со неколку камермани со вклучени камери, ја посетија премиерската резиденција и му го разубавија денот на нашиот владетел и неговото семејство.
- Целта ни е да ги мотивираме децата да го следат храбриот пример на мојата сопруга и да започнат свој бизнис за производство на струја. Никогаш не е прерано за тоа, а и не се знае што носи животот. Можеби некогаш и нивниот брачен другар ќе стане премиер. Мора да бидат спремни. - изјави домаќинот Ковачевски.
Како што дознаваме, коледари во семејството Ковачевски ќе има и во наредните неколку денови, од причина што компанијата донирала повеќе фотоволтаици отколку што имало коледари, па премиерот решил да ги повика своите коалициони партнери од ДУИ за да им ги подели останатите пакетчиња.