Филантропијата и грижата за државата и нејзините ресурси, како најпознати квалитети на господинот Сашо Мијалков, доаѓаат до израз и во овие, за него, тешки времиња.
Имено, како што јавија од Јавното обвинителство, до нив пристигнала великодушна понуда со која се дуплира бројот на станови кои Бебо ќе ѝ ги подари на државава, а за возврат ќе ѝ заштеди пари со тоа што ќе се прекинат сите сегашни и идни истраги што се водат против него.
- Му благодариме на господинот Мијалков за специјалниот подарок, но навистина немаше потреба да се троши. Ние во секој случај планиравме да запреме со истраги зошто нели така беше догов...неважно! Но кога веќе сака да не’ почести, би било навреда да ги одбиеме становите. – рекоа од ЈО.
Адвокатскиот тим на Мијалков ги повика и другите институции што на било каков начин се вклучени во истрагите да не се срамат и слободно да се пријават за донација во станови или друг недвижен имот.