logo

# Сатира

Менувал сијалица во Собрание, го назначиле за потпретседател

насловна слика
Пред нас е уште една потресна сторија која ќе нè потсети дека доволно е само да се најдеме на погрешно место во погрешно време за животот комплетно да ни се промени. Чевек никогаш не може ниту да замисли што го очекува следниот ден. А овој ден, навидум започнал обично за Славчо Трпковски, човекот вработен како хаусмајтор во Собранието на нашата прекрасна држава. Дошол на време на работа, точно во 8:00 часот. Како и секој ден, така и денес, појадувал симит погача и јогурт. Му било кажано дека има дефект на еден од рефлекторите во собраниската сала. Задачата била со највисок приоритет бидејќи за денеска била закажана собраниската седница за конституирање на составот на новата Влада. Славчо веднаш започнал со работа. Дефектот не бил тежок, но она што следувало, за него било огромен шок. „Ја мењав сијалицата. Не можев да ја одвртам, да бидам искрен, ме дупеше нешто фасонката... Извинете смее да се каже „ме дупеше“ на овоа интервјуво, изјава... што ли да е... пичке си материне...? Аха, аха... не смее значи... Епа не ме дупеше... Само што ја фатив фасонката... лагано, полека... ја одвртив... и само што брцнав у џеб да ја земам новата сијалица, слушнав гласови: „Како бе ни фали уште еден човек за потпредседател, како ни фали??!! Па добро, што сте вие неспособни или глупави?!! Нели требаше да биде тука уште во 8?!!“ ... „Па требаше, ама го нема... Аха еве го, тука е, се качил на скала...“. Се завртив. Двајца костумосани господа ми подадоа рака. Ме седнаа на столче. Започна седницата. Беше лудница. Да бидам искрен, не ги ни разбирав што збореа луѓето. Никој не ми изгледаше на нормален таму. Само разбрав дека ме назначиле за потпретседател.“ - видно вознемирен, изјави екс хаусмајторот и новиот потпредседател во Собранието, Славчо Трпковски.

Коментари


Остави коментар