Одлични вести за македонската економија ни доаѓаат од Илинденска ББ, каде за прв пат во историјата се случува нешто од што може да имаат корист сите граѓани, а не само семејствата, пријателите и блиските на луѓето што работат на оваа адреса.
Така, истиот ден кога беше укината одлуката за забрана на извоз на сончогледово масло, вработените во Владата сведочеа на историското откритие на министерот за земјоделство и шумарство, Љупче Николовски, кој талкајќи по подрумите на зградата, сосема случајно наишол на наоѓалиште на сончогледово масло од кое сега државата и граѓаните ќе се богатат.
- Денес ја тргнавме забраната за извоз, но не кажавме за откритието само за да ги закопаме сите оние мрчатори кои тврдат дека увезеното од Србија го извезуваме во Албанија. Сега кога се докажа дека работиме плански и етапно, што правиме? Штама, а?! – со потсмев констатираше нашиот пронаоѓач, Љупче Николовски.
Тој не сакаше да каже кога точно јавноста ќе може да го види рудникот за масло, но за да не’ увери дека тој навистина постои, ни дозволи да ја допреме неговата коса, која како што посведочи нашиот репортер, пливала во масло.