logo

# Сатира

Маркетот во кој граѓани му честитаа на Стојанче бара генералот да се среќава со роднините на друго место

насловна слика

Само 24 часа откако директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се пофали дека десетици луѓе му честитале на добро завршената работа со дупката во Драчево, и тоа додека пазарел во локалниот маркет, реакција до Кооперација испрати сопственикот на неименуваниот трговски објект и побара во иднина просторот да не се користи за средби со блиски роднини и пријатели.

 

- Точно е дека директорот на ЦУК редовно пазари кај нас, ама тука пазарат и најголемиот дел од неговите роднини, па вака е секој ден, а не само кога ќе оди во инспекција. Кога и да влезе, со саати ми се вртка низ рафтови, а овие неговите само влегуваат во дуќанот да го видат и да го потапшаат по рамо или да го пофалат за нешто. И на крај, ќе направи 100-200 денари промет, а пола ден ќе ми го помине тука. Аман помагајте! – изјави менаџерот на маркетот.

 

Кооперација веднаш се обиде да стапи во контакт со Стојанче Ангелов за да добиеме одговор на овие наоди, но од неговиот кабинет ни рекоа дека директорот прави инспекција на нова дупка, уште поголема од претходната и ќе не’ контактира откако ќе ја погледне од сите агли.

Коментари


Остави коментар