Наглото покачување на холестеролот т.е. триглицеридите во крвта на министерот за службени ручеци, Бојан Маричиќ, е причината поради која тој ќе ја тужи државава пред судот за човекови права во Стразбур поради нарушување на здравствената состојба.
Како што дознаваме, одлуката да тужи Маричиќ ја донел неколку дена претходно, кога за време на редовниот систематски преглед, докторот го предупредил за високата вредност на маснотиите во крвта, но и се пошегувал дека треба да намали со службените ручеци, што според министерот ја прелеало чашата.
- Жими мајка немаше да тужам да не ми ги извадеа сметките за ручек, ама откако јавноста дозна за нив, време е да се каже вистината! Значи вака: јас ручам со секој ЕУ претставник што ќе ме посети, а има денови кога тоа се пет души во едно попладне. И таа моја жртва, која може да се види, а и да се измери на мене, некој ќе ја претставува како алчност или ненаситност? Е па нема да дозволам! – изјави господинот Маричиќ, видно нервозен.
Извори блиски до скараџијата на Маричиќ коментираат дека одлуката за тужба не е дефинитивна, туку е донесена во момент на слабост и акутна нервоза предизвикани од новата диета што ја држи министерот и сигурни се дека откако ќе се најаде, ќе ја промени.