Само неколку часа откако државното претпријатие „Македонски железници - Транспорт“ го доби седмиот директор во последниве седум години, инаку истакнат келнер од редовите на ДУИ, Зуљхајрат Демири веднаш се фати за работа и започна да составува дрим-тим со една и единствена цел - враќање на старата слава на МЖ.
Така, на вонредната прес конференција што се одржа веднаш по неговото стапување на функција, тој ги повика сите искусни шанкери од земјава да се пријават на јавниот конкурс за избор на заменик-директор и да му помогнат да ја прероди компанијата.
- Цела моја кариера шанкерите ми беа најголема поддршка и со нив функционирав најдобро. Затоа, ако сакаме успешни железници, мора да најдеме способен шанкер кој си ја знае работата! Јас имам неколку колеги со искуство, само немаат партиска книшка па нема како да ги вработам. Ама сигурно ќе се најде некој што ги исполнува сите услови. - изјави новиот директор на МЖ.
Според нашите сознанија, веднаш по објавувањето на огласот за заменик-директор на МЖ драстично се зголемил интересот за вадење членска книшка од ДУИ, па само во последниве 2 часа тоа го сториле над 50 шанкери од околината на Мала Речица.