logo

# Сатира

МАКЕДОНЕЦ НОМИНИРАН ЗА НОБЕЛОВА? Имал 253 фејсбук рамки на својата профилна!!!

насловна слика

Конечно причина за радост во нашата земја! Конечно и Македонија ќе добие свој добитник на Нобеловата награда за мир!

 

Откако поради полнење на кутии и големи нелелагности му беше одземена шансата на Зоран Заев да ја добие оваа награда, Кооперација.мк дознава дека овој пат нашата земја навистина ќе добие Нобеловец и тоа ни помалку ни повеќе во категоријата за мир!

 

Четириесет и пет годишниот С.О. од Ѓорче Петров е главен фаворит за оваа престижна работа поради неговите сериозни намери да ги реши сите светски проблеми со ставање на рамка на својата фејсбук профилна.

 

"Имам ставено ептен рамки. Една рамка Je Suis Charlie имав ставено. Една рамка ставив Kony2012, чинам таа и ми беше прва. Па една рамка ставив со француското знаме. Па една за абортус. Па една против абортус. Па една за Израел. Па една за Палестина. Па за црнците во САД. Па за црнците во Црна Гора. Па за белците во Бела Хадид. Па после дознав Бела Хадид не било земја. Па ставив и за Јувентус-Интер еднаш една рамка. Нема доволно комплициран проблем што не можам да го решам со ставање на фејсбук рамка." - изјави потенцијалниот нобеловец.

 

Кога го прашавме дали има некакво познавање од работите за кои што се залага преку неговите фејсбук рамки, тој ни кажа дека нема време за да чита глупости. Едноставно става рамка на својата слика и ич стојко не му чуе.

 

Останува да се надеваме дека овој човек навистина ќе ја добие нагрдата, па и сите ние ќе може да го поддржиме со фејсбук рамки исто како што тоа го направивме за фудбалерите и за екипата на "Медена земја". 

Коментари


Остави коментар