Тројцата келнери, кои според премиерот Димитар Ковачевски побарале од него итно да ја внесе земјава во ЕУ за што побрзо да се вратат дома, денес испратија демант до медиумите, во кој потврдуваат дека се сретнале со премиерот, но дообјаснуваат дека наместо "внесување на земјава внатре во унијата за да си одат побрзо дома" барале "внесување на масата внатре во ресторанот за да си одат побрзо дома".
- Премиерот и неговата свита беа последни гости во ресторанот, па како земјаци го замоливме да ја ослободат масата за да ја внесеме и да си одиме побрзо дома. Дека не нѐ разбира што бараме ни стана јасно уште вечерта, зошто после молбата останаа уште 4-5 саати, но дури другиот ден на вести видовме дека сосема ја промашил поентата. - изјави еден од келнерите.
Веднаш по објавувањето на нивниот демант, Кооперација се обиде да стапи во контакт со кабинетот на премиерот за да ја дознаеме неговата реакција, но од таму ни рекоа дека господинот Ковачевски продолжил со средби со угостителските работници во Блед и ќе ни се јави во истиот момент штом ги убеди да се вратат дома.