Екипата на Кооперација во скоро време имаше задоволство(?) да направи интервју со човек кој верува во секакви теории на заговор.
Најлудата од сите теории е дека некогаш постоел некој човек што се викал Ѓорге Иванов.
Овој разговор е поприлично чуден, и го пренесуваме во целост!
Здраво
-Здраво
Како си?
-Па, онака, било и подобро.
Ни значи што реши да седнеш на ова интервју со нас.
-Хаха (се смее), па од прва мислев дека ме викате за Лајонес или некои такви ствари нешто за пирамидални шеми или ќе ме терате за вашата партија да гласам, ама кога расчепкав малку сфатив дека сте веб-сајт што сака да врши интервју со мене за нешто во што верувам, па ете, се сложив
Е да. За тоа во што верувате. Како што разбрав, верувате во тоа дека некогаш постоел некој човек што се викал... Ѓоко? Ѓоре? Ивановски? Нешто така беше, чинам?
-Ѓорге. Ѓорге Иванов. Постоеше. Ви велам јас.
Ахам. И го имате видено?
-Па... овај... ам... не во живо. Ама...
На телевизија? Го имате видено?
-Па... овај... ам... мислам? Понекогаш?
А други луѓе го имаат видено? Еве, јас го немам видено.
-Ех... сто посто!
Знаете некој што го има видено?
-Па... овај... не знам... ваљда Никола Груевски?
Ама тој не е во државава. Малце интересно е што единствениот човек што мислите (а не тврдите) дека ќе ја потврди вашата теорија не е помеѓу нас туку е... таму горе... на подобро место... не е повеќе со нас.
-Па... овај....
А некој друг човек? Знаете некој што мисли дека го дели истово ваше верување дека некогаш постоел некој си Ѓорге Иванов?
-Па... шо знам... не знам...
Во овој момент од разговорот дојде келнерот да не праша дали сакаме нешто да нарачаме.
Да, две пива. Него, дали може да те прашам нешто, правам интервју, па ќе ми завршиш работа. Ѓорге Иванов? Го знаеш? Постоел? Ти звучи ова име познато?
-Ау бато извини по цел ден работам не знам никој шо да ти кажам можда сум го служел не знам извини се брзам да услужам ќе дојдат две пива за пар минути фала многу пријатно
Овој одговор на келнерот како малку да го замолкна мојот соговорник кој ќутеше се додека не дојде келнерот со двете пива. Му се заблагодарив за услугата и уште од сега му платив во кеш и остасвив малку бакшиш.
После неколку голтки мојот соговорник се опушти повторно.
-А бе... види... шо знам... све мислам дека го знам... го имам чуено... не знам... можда и грешка сум...
Можеби си се збунил? Лошо си чул некое име од спортскиот пренос? Фудбалер е?
-Па... а бе... шо знам... не? Не бе... не беше фудбалер.
Музичар? Во бенд некој да не бил? Звучи како човек што би го дувал кларинетот...
-Го дуваше? Хмм.. не бе, не го дуваше кларинетот...
Гитара? Тапани да не тропаше?
-Тропаше? Не знам... мислам дека не тропаше... а бе на врв на јазик ми е...
Е што бил бе човеку? Што? Не може само ти да го паметиш ова име?
-Па... не знам? Политичар! Еее да! Ми текна! Политичар!
Политичар, а? И што праел?
-А бе... потпиша еден договор со Зоран Заев! Да, да, тоа памтам! Потпиша еден договор со Зоран Заев!
Е па? Нели некој ќе го паметеше ова? Нели овој човек нешто би направил за ова ако навистина постоел? Ма ајде ти се молам почнуваш да измислуваш работи. Политичар? Сериозно?
-Па... а бе... а бе беше! Беше... нешто беше! Сериозна работа некоја имаше... уф... не знам
Друже... види вака... јас интервјуво ќе го објавам во целост. Заслужува светот да чуе за твојата заблуда. Морам да ти кажам дека Ѓорге Иванов никогаш не постоел. Таков човек немало никогаш. Сигурно некој ќе го запамтел. Би ти препорачал да си земеш апчиња и да посетиш лекар. Во ред?
-Да... да...
После неколку дополнителни пријателски разговори, станав, се заблагодарив за поминатото време и си заминав.
Екипата на Кооперација.мк навистина се надева дека овој човек ќе најде помош и ќе престане да инсистира дека некогаш навистина постоел некој си човек што се викал Ѓорге Иванов.