logo

# Сатира

Иницијативата КУЛТУРА ИЛИ ФИС КУЛТУРА со бонбониери кај министерката Стефоска!

насловна слика

Актерите и останатиот ансамбл при Струмичкиот театар на потег, велат дека нивниот случај не смее да помине без благодарности и поклон кон надлежното за нив - Министерството за Култура.

„Знаеме дека е напорно да се разгледаат сите барања на театрите, а и самите сме свесни дека постојат и активно работат 859 744 театари на територијата на нашата земја, од кои само во нашиот град, славната Струмица, бројот изнесува 68 942 театри! Свесни сме за обемната работа на која е подложена министерката, затоа и не можеме ама баш за ништо да ѝ замериме, туку напротив! Благодарни сме ѝ и ја поддржуваме во нејзината стратегија за доближување до европските културни вредности.  

Затоа денес ние, како иницијатива КУЛТУРА ИЛИ ФИС КУЛТУРА, самоиницијативно се организиравме со 42 автобуси, 135 автомобили и десетици како коњаница, со цел да пристигнеме во престолнината на нашата држава, за да ѝ оддадеме почит министерката Стефоска бидејќи експресно го реши нашиот проблем со претпоставениот кој самата постави.

Сега, еве нѐ пред автобусите, автомобилите некои од нив изнајмени како и коњите, сите сме дотерани и намирисани, секој со бонбониера под рака и со цел да ја оствариме оваа историска средба за која очекуваме масовно да известуваат сите медиуми!

Веруваме дека примопредавањето на самите бонбониери и пандемиските бакнежи кои ќе паднат помеѓу колективот на нашиот театар и самата министерка ќе станат вирално видео и по социјалните медиуми освен кај нас, така и во светот, а посебно во Европа.  

Уште еднаш сакаме да напоменеме дека неизмерно сме благодарни за вложениот напор, посебно на надчовечките напори кои ги презентира министерката Стефоска за време на нашиот краток штрајк од скоро нецела година и сметаме дека тоа мора јавно да го покажеме. А, сега мораме да тргнеме, шоферите само што ги допушија цигарите!“ – рекоа членовите на иницијативата КУЛТУРА ИЛИ ФИС КУЛТУРА и секој со лесен чекор, насмевка и бонбониера со убава слика во рака се упати кон превозното средство наменето за него.

Коментари


Остави коментар