Првиот човек на Министерството за политички систем, фестивали и соживот, господинот Артан Груби, како секој одговорен промотер и организатор на успешни фестивали, денес, неполни 24 часа по завршувањето на „Фестивалот на мирот“, излезе пред јавноста за да положи сметки и да објасни зошто на настанот кој го слави мирот и соживотот нема знаме на државата во која би требало да се одржи тој мир и соживот.
- Тешко ми паѓа што мојата одговорност со народните пари се спинува како национализам или не дај боже, сепаратизам. Јас само сметав дека кога веќе организираме настан платен од граѓаните, за кој веќе имаме огромно знаме, нема потреба да се трошиме и да истакнуваме други знамиња. И на крајот на краиштата, знаете како ви изгледа знамето, затворете очи и замислете си го. – изјави тој.
За неговото домаќинско работење пристигнаа честитки и од министерството за финансии, поточно од министерот Фатмир Бесими, кој ја пофали креативноста на својот колега и ги повика сите институции да го следат неговиот пример и целосно да ја избришат ставката за набавка на државни знамиња од буџетот на Нашата Земја.