Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој на истиот ден кога му беа поднесени кривични пријави за незаконско работење во Државна лотарија, сосема случајно се најде надвор од земјава, поточно на Косово, јавно се заколна дека ќе се врати дома за да се соочи со правдата.
- Подготвен сум да се заколнам во најмилото - мојата слобода, само и само да ги убедам граѓаните дека ова отсуство е привремено. И затоа, ако не се вратам додека да почне судењето, никогаш ќелија да не видам! Сите дела да ми застарат! Доказ да не остане! - рече тој.
Освен во слободата, тој додаде дека е подготвен да се заколне и во единственот имот што го поседува - автомобилот на комшијата, но смета дека тоа е премала жртва за ваква сериозна работа и поради тоа остана на првобитното колнење.