logo

# Сатира

Граѓаните со минималец МОЛАТ !!

насловна слика

Вистинска драма се случуваше утрово пред Владата на Нивната Земја.

Членови на Здружението на минималци "Подобро Утре - Мало Сутра" упатија, не Барање, туку Молба до Владата на Нивната Земја, за аман за аман ако имаат малку милост - ДА ја вратат минималната плата на висина од минатиот месец, како би се нормализирала ненормалната ситуација.

Имено, тие велат дека откако го попија новиот зголемен минималец, овој месец веќе 3 пати поскапува нафтата, 2 пати електричната енергија, вчера дури и се одмрзнаа цените, а додека беа замрзнати истите минимум за 20-30% се поскапени, и тоа сите можни производи, дури и бананите, кои досега единствено важеа за џабе стока. Стока со која можеа дури и да ја наранат стоката. Но друг пат за бананите.. и стоката.

- Пред да ни го покачат минималецот пиевме Гранд Стронг кафе, од зеленото паковање, а сега за тие пари едвај можеме да си дозволиме Рио Кубанита, изјави за Кооперација еден растревожен член на Здружението.

Од Владата не дозволија да се вжешти атмосферата и излегоа со соопштение дека не може да сторат ништо во моментов, дека секој од нив ќе мора да се снаоѓа како знае и умее со огромното количество на кеш.

- Можеме само да Ви го покачиме минималецот за уште толку, додаде на крај како некој вид избор претставникот на Владата на Нивната Земја.

Тоа предизвика гнев кај толпата. Нееееее!!! Неееееееее!!!, се слушаа пискотници во очај и неверување. Уууууааааааааа, долу Влада на Вашата Земја!!, одекнуваше насекаде. Некои почнаа да молат да не им го покачуваат уште повеќе минималецот, дека ќе се повлекле, само да не оди уште нагоре!!, други пак го палеа оној плус разлика кеш од претходниот минималец до овој од тековниот месец, најверојатно со намера да предизвикаат некаква магија или идно проклетство, надалеку позната методологија на отпор на обичните граѓани на Македонија.

Еден од присутните, со згужвани десет/можеби единаесет илијадарки меѓу прстите на рацете, со солзи на очите, бришејќи си го носот со без вредност веќе за него пет шест други хартии со иконки, видно трауматизиран, се приближи да претставникот на Владата. Со него носеше кофа, обична кофа, пластична, само оваа полна со илијадарки и без никакво претходно предупредување му ја истури кофата со илијадарки врз глава на претставникот на Нивната Земја.

Во моментот кога имаше намера да каже нешто, баш во моментот кога беше спремен да изусти нешто, бидејќи со десната рака го држеше за рамо претставникот на Владата на Нивната Земја, нешто што сигурни сме ние од редакција дека ќе ја променеше ситуацијата, можеби и иднината, ако не и минатото, баш во моментот на драма, на кулминација, од бесната толпа излезе маскиран обвинетиот за криминал Влатко Васиљ и гласно ги изговори зборовите: - Ако не па Грујо да го вратиме!!

Ние од редакција во тој момент излеговме од ходникот во Владата на Нивната Земја, бидејќи знаевме дека ќе се случи крими трилер.

Што се случуваше внатре не знаеме, но по пристигнувањето на Брзата Помош, на носилки го забележавме како го изнесуваат обвинетиот за криминал Влатко Васиљ, видно повреден во пределот на истетовираната гејша, поточно над лактот, при што баш го начекавме моментот кога еден од докторите го праша зашто има истетовирано гејша, на што тој одговори дека така се чувствувал отсекогаш!, по што заминаа во непознат правец, најверојатно притвор, но да не шпекулираме.

Екипата на Кооперација секогаш се наоѓа во Владата на Нивната Земја и за нови информации и драми од лице место, бидете така.

Коментари


Остави коментар